За Битола
Битола — град во југозападниот дел на Македонија, административен, културен, економски, индустриски, образовен и научен центар за тој дел од земјата. Градот е познат под името град на конзулите, бидејќи тука се наоѓале конзуларните претставништва на европските земји во времето на Отоманската Империја, каде заедно со Солун бил најважно место во европскиот дел на Империјата. Во периодот 1864 - 1912, Битола бил главен град на Битолскиот вилает, еден од трите вилаети во регионот Македонија. И денес, голем дел од конзуларните претставништва во Република Македонија се наоѓаат тука. Битола е втор по големина град во Македонија според бројот на жители (2002 г.). За време на Југославија бил еден од културните центри, како во Кралството Југославија, така и во СФРЈ. Таткото на турската нација Кемал Ататурк завршил офицерска школа во Битола. Некои негови работи денес се чуваат во Народниот музеј.